Улична прослава ширум Шпанија почна синоќа веднаш по полноќ, откако беше укината шестмесечната вонредна состојба поради кандемијата од ковид-19.
Во Мадрид полицијата мораше да ги тргне забавувачите од централниот плоштад Пуерта дел Сол, каде се видени сцени на танчери и пејачи без маски, како што беше и пред пандемијата, пренесува АП.
Стотици млади луѓе го прославија укинувањето на вонредната состојба/ Фото: EPA-EFE/Luca Piergiovanni
Тинејџери и млади луѓе исто така побрзаа кон централните улици и плажи во Барселона за да го одбележат ублажувањето на рестриктивните мерки.
„Слобода! Малку е опасно, знаете поради ковидот, но сакам да се чувствувам вака опкружен со луѓе“, рече граѓанинот Хуан Кадавид, кој после долго време се виде со старите пријатели
Локалните ресторани ќе можат да служат оброци од денеска и ќе бидат отворени до 23 часот, но бројот на посетители ќе биде лимитиран на 30 отсто од капацитетите на објектите.
Исто така се укинати и забраните за патувања, а дозволени се и многу општествени собири.
Само четири од 19 региони и автономни градови го оставија полицискиот час.
Премиерот Педро Санчез рече дека постоечките регулативи ќе бидат доволни да се одговори на потенцијалните жаришта на регионално ниво, како што ќе се развива кампањата за вакцинација.