Се чини дека нема подобро заштитен податок во земјава од оној за платите на вработените на Агенцијата за електронски комуникации.
Челните лица на оваа институција во принцип одбиваат да говорат за нивните месечни примања, а единствениот начин новинарите да дојдат до било какви податоци за платите во таа институција, се годишните извештаи на Агенцијата. Податоците за платите и таму се сиромашни и нејасни.
Сепак, според податоците на Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за електронски комуникации за минатата, 2020 година, може да се заклучи дека вкупно 133 вработени во регулаторот на телекомуникациските компании, во просек земаат бруто плати од 1.463 евра.
И не е само тоа, туку минатата година, во време на пандемија и економска криза во државата, кога многумина останаа без своите работни места, на вработените во АЕК им биле зголемени платите за 5 отсто, одлука која почнала да се реализира уште во 2019 година.
Еве што стои во годишниот извештај за работењето на АЕК, кој Агенцијата неодамна го објави на својата интернет страница, а го достави на усвојување и до Собранието.
„Вкупната реализирана вредност на синтетичкото конто вкалкулирани плати 143.558.431 денари (2,33 милиони евра – н.з.) и се однесува за пресметани и исплатени нето плати, согласно Правилникот за плати и надоместоци на вработените во АЕК, за пресметани и исплатени придонеси за ПИО, здравство, за придонеси за професионално заболување, вработување, персонален данок на доход. Оваа реализација е 87,96 отсто во однос на финансискиот план за 2020 година, и има зголемување за 5,94 отсто во однос на 2019 година, а истото се одразува на законското зголемување од 5 отсто, реализирано во 2019 година“, се вели во годишниот финансиски извештај.
Фактор се обрати до Агенцијата за електронски комуникации, од каде побаравме прецизно објаснување дали оваа ставка се однесува за нето платите, или за бруто, и за колку вработени станува збор.
„Станува збор за бруто пресметка“, се вели во скудниот одговор кој го добивме од АЕК, без да ни дадат било какви попрецизни детали и без да одговорат колку вработени ја зеле таа бруто плата.
Според листи со вработени на АЕК кои можат да се најдат на интернет, во таа институција има меѓу 129 и 133 вработени.
На листата не е ставен новиот директор на АЕК, Јетон Акику, кој на оваа позиција дојде откако таму долги години беше Сашо Димитријоски, но затоа од неа може да се види дека тој има дури 11 советници, кои веројатно, исто така, ги држат највисоките плати во институцијата која веројатно е сечии сон, но на малкумина може да им стане реалност. Потоа следуваат бројни раководители, соработници, референти…., чии месечни примања се исто така многукратно повисоки од просечната плата во земјава.
Доколку 2,33 милиони евра се поделат со 12, а потоа и со 133 вработени, се добива просекот од 1.463 евра просечна бруто плата по вработен. Се разбира, челните луѓе земаат сигурно и многу над овој „скромен“ просек, но затоа веројатно има и пониски примања, но сигурно не многу помалку од 1.000 евра.
Исто така, од извештајот се гледа дека за околу 6 отсто е исплатено повеќе за плати лани во однос на 2019 година, со оглед на зголемените плати во таа институција.
А, за воља на вистината, ако АЕК не била штедлива за плати, таа во 2020 година има намалени трошоци за други ставки.
Па така, за материјални трошоци во однос на 2019 година има намалени трошења за 39 отсто, а за енергија трошокот бил помал за 25 проценти. За комунални услуги и комуникација трошењето е намалено за 15 проценти, а за реклама, пропаганда и репрезентација трошокоt е намален за дури 89 отсто. Кога станува збор, пак, за дневниците за службено патување и патните трошоци, лани, во пандемиска година, лочично е тие трошоци да бидат намалени за 84 проценти.
Нина Нинеска-Фиданоска