Во Скопје се отвори првата анти-стрес соба: Дојди, скрши чаши и чинии и ослободи се од напнатоста

- Advertisement -

Луѓето практикуваат разни начини за ослободување од стресот и од напнатоста. Спортот е еден од нив, а многумина го избираат удирањето во боксерска вреќа за да ја истераат лутината од нив.Постои уште еден начин кој е хит во светот, и се има покажано како доста ефикасен, а сега го има и во Скопје. Облекуваш заштитна опрема, кршиш стакло, керамика и други предмети со чекан или со палка, и излегуваш од анти-стрес собата како нов. Токму ова го нуди местото Smash It Up, во центарот на Скопје на улицата Орце Николов. „Дојдете, сршете, ослободете се од стресот“ е девизата на ова уникатно место.

Кај нашиот домаќин Горан Бошковски ја однесовме манекенката Билјана Јаневска која и самата се увери во делотворноста на овој метод. Билјана кршеше чаши и шолји и откако му испозира на нашиот фоторепортер, му порача на сопственикот на Smash It Up: „Ќе доаѓам овде два пати во неделата.“

Ова задоволство чини 650 денари за индивидуален пакет, или тандем пакет за двајца за 1200 денари. Од вас зависи дали предметите ќе ги скршите за три или 20 минути, сè зависи од тоа колку сте лути и напнати. Бошковски ни ја раскажа приказната за овој интересен бизнис.

– Сосема слујано, на Јутјуб видов дека постојат вакви места, уште пред 3-4 години, и си реков ова личи интересно и нешто што го нема кај нас, но тогаш немав храброст да почнам нешто ново. Се случи кризата во Ковид, останав без работа и решив дека сега е вистинскиот момент да почнам со нешто свое. Фирмата постои од август во 2020, а официјално почнавме со работа од 3 март годинава“, ни раскажа Бошковски кој грантот за да го започне бизнисот го добил го добил од фондацијата ПСМ/YES.

- Advertisement -

– Дел од предметите кои ги користиме за кршење ги донираат пријатели, соработници, роднини, тоа се оние предмети кои не можат да се користат понатаму, кои не се во функција, а дел ги купувам. Прво се кршат овде, па се фрлаат во отпад, а дел се носат на рециклирање. Клиентите кршат стаклени работи: тегли, чаши, шишиња, потоа и керамички производи: чинии, тацни, шолји за кафе, санитарии и плочки, и веќе рециклирана IT опрема“, додава Горан и ни ја доловува реакцијата на луѓето кога ќе излезат од просторијата на кршење. Сите што досега биле, излегуваат насмеани и релаксирани.

-Термините се направени на еден ипол час, за да можеме да излуфтираме и да ги дезинфицираме предметите и заштитната опрема. Сега сме тазе и на почеток, и не е толку динамично за да имаме секој ден термини, но мислам дека ќе се прошири муабетот, и ќе доаѓаат што повеќе корисници“, вели Горан.Тој се согласува со нашата констатација дека ова место е отворено во вистинско време, кога повеќето од нас се напнати поради ситуацијата што ни ја наметна коронавирусот. Горан е првиот кој го пробал третманот и едноставно вели дека по него се чувствувал топ!За да влезете во собата, треба да носите лична заштита- маска која е секако задолжителна, а Горан на сите корисници им и дава плус опрема за заштита.

-Корисниците носат пантолони и јакна, заштитен визир, шлем, конудури и чизми со железна заштита за да не настанат несакани последници од газење долу. Прво им ставам на луѓето медицински ракавици, а потоа едни други, специјализирани ракавици коишто многу тешко ги сече стакло. Визирите ги дезинфицирам три пати пред употреба, и три пати по употреба. Униформата е направена од материјал кој е сличен на облеката за заштита од дожд, ја прскам со средство за дезинфекција од внатре. На влезот, на сите клиенти им мериме температура, но правилната дезинфекција е уште поважна, ракавиците се најголема заштита, и задолжителното луфтирање пред и по секој третман. Пред да влезат во сабота, им давам на луѓето и заштитни маски за една употреба, визир како што реков и наочари“, зборува Бошковски за протоколите за заштита според кои работи.

Додека го завршиме рзговорот, нашиот модел, Билјана Јаневска веќе излезе од собата за кршење и ни даде интересна изјава. „Имав многу стрес насобрано во мене. Кога сум лута и нервозна, јас обично се карам и многу викам. Додека кршев, замислував како е пред мене една личност на која сум многу лута, но сега се чувствувам далеку полесно“, низ насмевка ни рече атрактивната Билјана.Од местото каде што барем за миг го оставате стресот и ги ослоободувате мислите, и ние си заминавме порелаксирани и со мисла дека чаши и чинии не мора да се кршат само во ресторан.

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

Последни објави

spot_img

Поврзани објави