Две девојки на 23 и 24 годишна возраст починаа во последните 24 часа по компликации од ковид-19. Во изминатото деноноќие, според најновиот извештај од Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство починаа 17 пациенти на возраст од 23 до 90 години.




Дваесет и тригодишната девојка имала хронично заболување, велат од Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК. За 24-годишната девојка, оттаму ни рекоа дека била позитивна на ковид-19 и една недела се лекувала во домашни услови со антибиотик, по препорака на матичен лекар.




„Поради проблеми со дишењето, 24-годишната пациентка се јавила во болница и е хоспитализирана во еден од Ковид-центрите од Интернистичкиот клинички блок. Поради влошување на состојбата, пациентката во многу тешка состојба е префрлена на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде е продолжено со интензивно лекување. Пациентката не одговарала позитивно на терапијата и за цело време ѝ се влошувала состојбата“, ни одговорија од Министерството.




Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), за податоци обработени до 4 март, и заведени 3.503 смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 733,7/100.000 жители.




Регистрирани се 2.185 смртни случаи кај лица од машки и 1.318 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 2.974 (84,9% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (1.962), дијабет (878) и белодробна болест (390). Регистрирани се 3 смртни случаи кај бремени жени и 27 смртни случаи кај здравствени работници . Од пријавените случаи 188 (5,4%) починале во вонболнички услови, а 3.315 (94,6%) починале за време на хоспитализација.