Д-р Кунгуловски: Јасно беше што ќе се случува во март, зошто никој не делуваше проактивно?

- Advertisement -

Д-р Горан Кунгуловски е биоинженер кој работи во Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина, како дел од клиниката „Жан Митрев“ и компанијата „Биоинженеринг ДОО“. Тој е еден од основачите на Наука за сите, каде повремено пишува и аргументирани мислења.

Претходно сме објавувале негови ставови и објаснувања за коронавирусот и мерките за заштита, како мерката за носење маска на отворено, или за враќањето во нормала.

Во неговата најнова објава на социјалните мрежи тој објаснува како доаѓа до нови варијанти на коронавирусот и зошто е важно брзо и сеопфатно вакцинирање.

- Advertisement -

Неговата објава ви ја пренесуваме во целост:

„Математиката и науката никогаш не лажат. Со самото откривање на првите примероци во јануари заразени со британскиот сој, можеше со голема сигурност да се претпостави дека ова ќе се случува. И тоа јасно се гледаше дека ќе се случува во март. Зошто никој не делуваше проактивно, сѐ уште ми е нејасно и непоимливо.

Науката го вели и ова: Откако некој вирус ќе се прелее и адаптира од неговиот животински домаќин кон човечки, подлегнува на неколку еволутивни фази. Што значи еволуција на вирусот? Бидејќи делбата на вирусот е неперфектна, кај него се акумулираат мутации. Некои од нив водат до промена на својствата и особеностите на самиот вирус. Ако тие својства водат до побрза делба на вирусот (или друго позитивно својство) се вели дека тоа ја зголемува еволутивната подготвеност на вирусот (evolutionary fitness) односно добива еволутивна предност, тоест еволуира.

Како почнува работата? Прво, вирусот почнува да инфицира популација на луѓе – и сѐ додека мнозинството на популацијата е неинфицирано (без имунитет) тогаш преку Дарвинова селекција ќе се добијат соеви коишто се пренесуваат полесно (нормално дека ако инфицираш повеќе луѓе за побрзо време ќе станеш доминантен сој). Ова првпат се случи некаде во доцен јануари, февруари 2020 со појавата на D614G мутацијата, којашто доведе до зголемена преносливост во споредба со изворниот вухански сој. Прв дел од прва фаза започнат. Соевите со D614G мутацијата станаа доминантни во светот и станаа основа за нова попренослива верзија на вирусот. Една од нив е таканаречениот британски сој којшто се појави во септември 2020. Втор дел од прва фаза започнат.

Кога бројот на имуно население станува сѐ поголем (инфекција+вакцинација), добивање на својства на избегнување на имуниот систем и одговор (имуна евазија) водат до бенефит за вирусот. Стекнување на вакви својства може да доведе до реинфекции. Донекаде ваков пример е јужноафриканскиот сој – или пак истиот може да претставува основа за некоја таква верзија на вирусот. Втора фаза започната.

Кога најголем дел од населените ќе биде имуно на циркулирачкиот вирус (пр. преку ефективни вакцини) ќе еволуира нова верзија, којашто и покрај претходниот имун одговор ќе може да преживува и да се пренесува. Ова донекаде се случува секоја година со грипот.

Затоа континуираното секвенционирање (геномски мониторинг) на вирусни изолати од пациенти е есенцијално. Колку побрзо се откријат вакви нови верзии на вирусот толку подобро ќе можеме да се справиме со нив.

Се надевам дека верзијата што ќе стекне особеност на реинфекција (избегнување на имун систем) како контраефект ќе добие особеност намалена на инфективност и смртност (иако сум песимист за ова) и со тоа ќе ни даде време да направиме нови вакцини и логистички ланци за достава на истите.

Есенцијално е вакцинирањето на што поголем број на луѓе. Уште поесенцијално е вакцинирањето на што поголем број на луѓе во краток временски период, на светско ниво. Само така може да се намали шансата за нови поинакви верзии на вирусот.“

Последни објави

spot_img

Поврзани објави