Откако е овој пратенички состав, за февруари, март и особено за април кога дел од нив доаѓаа само да ја чукнат картичката и да се изгубат од Собранието, исплатени се патни трошоци во износ 73 илјади евра.
Вкупно, од конституирањето на Собранието во август лани, овој најнеефикасен пратенички состав, ја чини државата речиси 200 илјади евра заклучно со април. Си тече исплатата и за мај, иако седници има многу ретко, а ни комисиите не се искршија од работа, пишува порталот сдк.мк
Во април беше најхорор, кога пратениците од опозицијата стоеја пред вратата на пленарната сала и не влегуваат да работат. Спикерот Талат Џафери ги молеше да влезат во салата, ги потсетуваше дека е срамота да доаѓаат само да „се чукнат“ за патни трошоци и да не работат.
Но баш за април се и рекордните суми исплатени патни трошоци..
Рекордерот во наплатени патни трошоци го држи пратеникот Дајанчо Ефтимов (ВМРО-ДПМНЕ) од Василево. За 8 месеци од собраниската каса наплатил 7.620 евра. За февруари, март и април, за кога САКАМДАКАЖАМ.МК ги доби најновите податоци од сметководството на Собранието, Ефтимов зел 2.750 евра за патни трошоци.
На второто место е пратеникот Петар Ристески (ВМРО-ДПМНЕ) од Прилеп во април зел патни трошоци многу поголеми од неговата пратеничка плата од околу илјада евра. Ристески само за април зел чисти 86.836 денари патни трошоци, плус плата, а вкупно за февруари, март и април, 3.186 евра. За 9 месеци откако е пратеник, подигнал 7.278 евра од Собранието.
Речиси иста сума за нецела година од овој мандат, зел и пратеникот Сурија Рашиди (Алијанса за Албанците) од Радолишта. Досега наплатил 7.174 евра само за патни трошоци. За непродуктивните февруари, март и април Рашиди зел 2.397 евра.
Струмичката пратеничка Јадранка Поцкова од ВМРО-ДПМНЕ, пак, досега подигнала 6.131 евро, а за февруари, март и април, кога не влегуваа нејзините колеги во пленарната сала само за да нема кворум за работа, „остварила“ 2.163 евра патни трошоци.
Според висината на исплатените суми, следи пратеничката Ангелинка Петкова (ВМРО-ДПМНЕ) од Гевгелија. За трите месеци зела 2.262 евра, а од август досега 5.800 евра надомест за патни трошоци.
Следи пратеничката од СДСМ Соња Михаиловска од Делчево, со вкупно 5.252 евра подигнати за патни трошоци од август до април.
Нејзината сопартијка Драгица Ѓавочанова од Гевгелија за февруари, март и април, кои се целосни податоци, подигнала 2.126, а вкупно 5.144 евра. Сите овие пратеници за кусо време спечалиле солидно учество за нов автомобил, пишува меѓудругото, порталот сдк.мк (целиот текст прочитајте го на sdk.mk).
Оваа вест ја прокоментира еден од најекспонираните доктори во оваа пандемиска криза, матичниот лекар Ненад Лазаров:
„Арамии, паразити и партиски платеници, еден денар не добивме за секојдневна работа со ковид, 1 денар! Арам да ви се!“/Секојден.нет