Земањето поголеми количини на антибиотици за борба против бактерии отпорни на терапија, всушност може да зајакне некои од нив, покажа една студија објавена неделава.
Отпорноста на антибиотици е „една од најголемите закани по светското здравје и според некои проценки може да предизвика 10 милиони смртни случаи до 2050 година“, предупредува Светската здравствена организација (СЗО).
Претходните научни студии покажаа дека препишувањето посилни дози на антибиотици може да го забави капацитетот на бактериите да станат отпорни на терапијата, но ефектот на таквата стратегија врз општата состојба на микробите е малку проучен.
Научниците од повеќе европски земји ја анализирале реакцијата на Е. coli на различни концентрации на трите антибиотици кои обично се препишуваат против оваа бактерија.
Ако зголемените дози на антибиотици ја забават стапката со која бактериите стануваат отпорни, тие исто така доведуваат до тоа микробите „да бидат во подобра форма“ и побрзо да се размножуваат, се вели во студијата објавена во Royal Society Biology Letters.
„Сметаме дека стапката на раст е добар показател за нивната форма, со хипотезата дека сојот што расте побрзо, најверојатно ќе се наметне и ќе стане доминантен над другите“, вели Мато Лагатор, биолог од Универзитетот во Манчестер, водач на студијата.
Овие резултати „даваат дополнителна димензија на проблемот со оптималното дозирање на антибиотици“, пишуваат научниците и предупредуваат дека употребата на поголеми дози отвора „дилема“.
„Главната цел на развојот на нови лекови е да се ослободиме од инфекцијата. Сепак, ретко се зема предвид можноста целните бактерии да станат отпорни на овие лекови“, предупредува Лагатор.
„Концентрирањето на непосредната корист – таа терапија е поефикасна доколку се дадат зголемени дози – без разбирање на долгорочните последици, може да биде проблем“, заклучи Лагатор, повикувајќи се на нови студии во оваа област.