Ќе се продолжува породилното отсуство. Барање кое со години го туркаат мајките родилки во државата. Сега, институциите подготвуваат законски измени.
Според кажаното од министерката Шахпаска, новите измени ќе им донесат на мајките родилки околу 12 месеци породилно отсуство од кои 5 месеци ќе бидат задолжителни, додека останатите ќе може да ги користи и таткото.
Сепак ова продолжение нема да ги опфати оние најзасегнатите, родилките кои бараат продолжување и чаре во еков на пандемијата.
Мајките на породилно преку петиција од пред неколку месеци бараат да се продолжи отсуството на оние на кои им истекува за една , две недели. Тие дури излегуваа и на протести, но сепак институциите не се одважија на ова нивно барање.
-Ние повторно сме оставени без решение, законот нема да не засегне нас-велат за Женски магазин, мајките родилки покренувачки на петицијата за продолжување на породилното.
„Породилните отсуства на најголем дел од нас засегнатите завршија или ќе завршат во месец април и мај. Со оваа измена на законот, и доколку се изгласа, нам не ни нудат никакво решение. Ниту пак ни нудат решение со оние градинки кои министерката за труд и социјална политика ги споменува дека допрва ќе се отворале. Нашиот проблем е присутен сега. Затоа токму сега бареме да бидеме опфатени со мерка која ќе важи за сите нас кои во моментов имаме проблем со згрижувањето на децата-потенцираат мајките родилки.
Финансиската состојба на многумина не им дозволува децата да ги пуштат во приватна градинка или пак да ангажираат дадилка, па се принудени да даваат отказ на работа.
Доктор Ивана Смилеска неодамна за Женски магазин, кажа дека поради неможност градинките да ги згрижат сите деца чии мајки треба да се вратат на работа по истекот на истото, како и поради ризик од ширење на инфекцијата помеѓу оние деца кои евентуално би тргнале во градинка бараат институциите да го продолжат породилното отсуство.
-Во услови на пандемија, како што и сами знаете градинките работат со намален капацитет. Нема место и не примаат нови дечиња, додека небезбедно и непрепорачливо решение во моментов е да се ангажира дадилка-потенцира Ивана.