За хипнозата е потребна љубопитност и отворено размислување. Додека некои луѓе веруваат дека не можат да бидат хипнотизирани, можеби вистината е сосема различна. Секој е подложен на хипноза, разликата е само времето што ви е потребно за да влезете во состојба на транс.
Всушност, луѓето влегуваат и излегуваат од состојбата на транс во текот на целиот ден. Дали некогаш сте читале книга и времето како да ви „летнало“? Дали некогаш сте возеле и сте сфатиле дека не помните кога сте поминале некое место? Вие сте мечтаеле, и ако во тој случај пред вашиот автомобил истрчал некој, вие сепак би застанале, иако не сте целосно свесни за вашето опкружување.
Ова е состојбата во која ве носи и хипнозата. Сè што треба да направите е да се опуштите и да следите неколку едноставни инструкции. Дозволете ѝ на личноста што ве хипнотизира да има исто влијание на вас како книгата или автомобилот. Таа ќе го насочи вашето внимание кон разни нешта. Нема потреба да се обидувате да направите нешто, само опуштете се.
Како што се движите кон состојба на пониски мозочни бранови, можете да се почувствувате како да лебдеете. Некои луѓе помнат сè што се случувало, додека кај други има заборавени периоди. И двете ситуации се во ред бидејќи секогаш има некој дел од вашата свест што слуша што се случува. Овој дел ги прави потребните промени во вашата потсвест. Оваа состојба може да биде многу релаксирачка. Често се губи смислата за време, па половина час може да ви изгледа како 5 минути.Па, како да дознаете дали хипнозата ќе работи за вас? Овој едноставен тест ќе ви помогне во тоа. Прочитајте го целиот параграф пред да започнете со експериментот.
1. Седнете на тивко и удобно место и не ги прекрстувајте нозете. Вдишете длабоко неколку пати и обидете се да не мислите на денот. Скенирајте го вашето тело за да откриете каде има напнатост и обидете се да се ослободите од неа со дишење.
2. Испружете ги рацете напред во висина на рамената. Забележете дека се на иста висина пред вас. Затворете ги очите, вдишете длабоко неколку пати и бавно издишувајте.
3. Замислете си дека некој врзува балон со хелиум на едната ваша рака, додека става тешка книга во другата.
4. Замислете дека балонот ве крева нагоре, а книгата ве спушта надолу. Сега додајте уште еден балон и уште една книга. Замислете си како едната рака станува сè полесна, а другата сè потешка.
5. Продолжете да додавате книги и балони уште 3 пати. Сега отворете ги очите и погледнете ги рацете. Дали се на истата висина како на почетокот? Дали раката со балоните е повисоко?
6. Без разлика колкава е разликата во висината, ако навистина сте ги замислиле балоните и книгите, доволно сте љубопитни и со отворен ум за лесно да постигнете состојба на транс.Хипнотизерот може да користи други техники за да го постигне ова. Сепак, за секој човек потребен е различен пристап. Најверојатно ќе почне со вовед, некој вид приказна што ќе ве опушти. Потоа може да користи одбројување или да ве замоли да замислите како се симнувате по скали. Во тој момент настануваат промените што сакате да ги направите.
Хипнозата може да ви помогне во многу нешта: Да се чувствувате задоволни со помали порции кога јадете. Да останете смирени кога партнерот кажал или направил нешто лошо. Да ги надминете мислите за прескокнување на вежбањето. Да забележите кога сте под стрес и да се смирите.