Од друга страна пак, од СДСМ, реагираат на неговите наводи и велат дека тој и ВМРО-ДПМНЕ не покажале интерес да ѝ помогнат на државата во време на пандемија




Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека ако тие биле на власт досега во најголем дел македонските граѓани ќе биле вакцинирани. Тој во интервју за ТВ Клан повторно ја обвини Владата за доцнењето на набавката на вакцините.




„Доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт, вакцини во државата ќе имаше со сигурност, бидејќи како одговорна и сериозна политичка партија, прва и основна задача во ваква ситуација ќе беше да се изнајдат вакцини и да се отпочне процес на вакцинација. Недозволиво ќе беше ВМРО-ДПМНЕ да се занимава со апсолутно неважни работи, додека граѓаните чекаат вакцини и молат за спас на нивното здравје. Така да, гарантирам дека доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт сега, граѓаните ќе имаа вакцини и македонскиот народ ќе беше во најголем дел веќе вакциниран“,




вели Мицкоски.
Од друга страна пак, од СДСМ, реагираат на неговите наводи и велат дека тој и ВМРО-ДПМНЕ не покажале интерес да ѝ помогнат на државата во време на пандемија.




„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за време на целата пандемија сѐ што правеше беше кршење на мерките, поткопување на здравствениот систем и груба и безобразна злоуптреба на починатите и заболените од ковид-19. Тој вечерва сам изусти дека политичарите треба да се слуги на народот. Така е Мицкоски, единствената вистина која ја изговори можеби ќе те освести. Но, човек кој себеси се нарекува бранител на криминалот, не може да биде слуга на народот. Затоа Мицкоски никогаш нема да биде добар политичар, затоа граѓаните постојано го казнуваат“,