Тоа што ќе го правите денеска ќе го правите цела година, ова се народните обичаи и верувања за Св. Игнат.Светата православна црква на овој ден го празнува споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец. Свети Игнатиј бил ученик на Светиот апостол и евангелист Јован Богослов од кого бил поставен, за епископ на црквата во Антиохија со која раководел 40 години.
Кога свети Игнатиј бил дете Исус го зел во прегратка и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно“. Бил ученик на ап. и ев. Јован Богослов. Во народното верување на овој ден започнале родилните болки на Пресвета Богородица. Како што се пее во народните песни: „Се замачи Божја мајка, од Игната до Божика“.
(Именден празнуваат: Игнат, Иго, Игнатка…)
Светата православна црква на овој ден го празнува споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец. Свети Игнатиј бил ученик на Светиот апостол и евангелист Јован Богослов од кого бил поставен, за епископ на црквата во Антиохија со која раководел 40 години.
Кога бил дете Исус го кренал, (го зел во прегратка) и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно“. Поради тоа што Исус го носел во прегратка е наречен Богоносец.
Настрадал за време на римскиот цар Трајан. По победата над Трачаните и Скитите царот наредил на римските богови да им се принесат жртви сметајќи дека тие му помогнале во борбата да извојува победа. Христијаните одбиле тоа да го направат, особено против тие обичаи биле црковните старешини. Меѓу нив бил епископот Игнатиј.
Царот Трајан самиот дошол во Антиохија за да разговара со епископот Игнатиј, да го разубеди и да го врати во идолопоклонството. Но кога видел дека не може тоа да го постигне наредил епископот да го одведат во Рим и да го фрлат на ѕверовите. На 20 декември (според стариот календар) 106 година Светиот свештеномаченик Игнатиј во еден амфитеатар во Рим бил фрлен пред два гладни лава кои го растргнале на очиглед и задоволство на многубројна публика. Се јавувал повеќе пати по смртта, правел чуда и им помагал на сите што ја барале неговата помош.
Празникот Св. мч. Игнатиј Богоносец во народот познат како Св. Игнет, Игњат, Игнатов ден, итн. се нарекува и „Прв Божик“ зашто тогаш започнуваат подготовките за празникот Рождество Христово ‒ БОЖИК. Празникот Игнат секогаш е пет дена пред Божик 2. 1. /20 XII и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници. Поголем број обичаи поврзани со овој празник упатуваат на заклучокот дека со овој ден започнуваат и новогодишните обичаи, а има и такви што потсетуваат на свеченостите поврзани со далечните пагански прослави на зимската краткодневица и враќањето на сонцето од јужните напоредници. Во таа смисла се обредните огнови познати кај многу народи.
Обичаите и верувањата што се изведуваат на празникот Игнат најповеќе се поврзани со почетокот на годината или со споменот на раѓањето на Исус Христос. Така на пр. во Велес, како што запишал Д. Матов, на Игнат вареле пченица и царевка заедно за да се подигне бериќетот, а жените заработувале од секоја работа по малку, исто така за да им се подига работата. Во Разлошко овој празник се поврзува со Божик па се вели дека од Игнат се замачила Божја мајка: „замачила се е уш туга Божја маќа“. Во Гевгелиско Св. Игнат бил сметан за тежок и „уд огин аталија празник“. Особено го држеле празник и не работеле жените што имале деца. На овој ден се колеле свињи и сучеле сарајлии за Божик. Во Штип празникот го викале Игнат – подигнат. Тој ден мајките ги теглеле своите деца, „ги подигаат“ за ушите или главата за да растат повеќе. И во овој крај е забележан обичајот полазник. Имено, оној што ќе влезе прв во куќата се верува дека носи среќа или несреќа. Ако тоа бил млад и убав човек (момче или девојка) се сметало дека носат среќа, а ако прв влезел некој старец или баба верувале дека не ќе оди најдобро. Обичајот полазник е забележан и во други краишта на Македонија и е во врска со започнувањето на годината кога се прогнозира среќата на поединецот и заедницата.
Во Кумановско на овој ден се прогнозирала среќата за целата наредна година со жарчиња, обичај познат и во други краишта на Македонија, поврзан и со други празници, како што е новата година. Овој обичај се изведувал вечерта спроти празникот кога жарчиња се ставале на земјата и до секое жарче по едно зрно од разните житни култури (пченка, пченица, ʼрж, јачмен, овес и др.) потоа се поклопувале „сас каленицу“ (или со вршник) и на празникот се гледало како изгаснале жарчињата. Се верувало дека тие што согореле добро, со пепел, претскажуваат дека тоа жито добро ќе роди, тие што изгаснале и станале црни јаглења претскажувале дека тоа жито нема да роди. Во овој крај се прогнозирало и на времето, ако е облачно се верувало дека ќе има бериќет, ако е ведро, претскажувало дека годината ќе биде сушна.
Во Радовиш Св. Игнат го држеле како тежок празник. Овде денот го минувале во тишина, не се пеело, не се викало, дури и децата не се тепале за да не плачат гласно. Утрото сите домашни се заблажувале со едно лажиче благо. Во Скопската Котлина, спроти празникот сечеле шума од три вери т.е. од три вида: зеленика, смрека и даб. Овие гранчиња се оставале до вратата под стреата и со нив за идните празници се потсилувал огнот. Спроти празникот се правеле и други обичаи како што е фрлањето костени во трлото за да „рипкаат“ јагнињата како костените. Утрото на Св. Игнет се палел посилен оган во огништето, а потоа, домаќинката ги скоревала децата со кои го изведувале обичајот силење ‒ прпешкање на огнот. Тогаш земале од гранките донесени вечерта и го буричкале (го силеле, го прпешкале) огнот, благословувајќи за добро здравје, за напредок на стоката и богат род на земјоделските култури.
Интересни обичаи поврзани со овој ден се забележани во Охрид. Кузман Шапкарев запишал дека на Игнатов ден и вечерта спроти Бадник и на Нејатка спроти Водици во Охрид правеле посни питулици од тенка каша печени во специјални питулчарници и после попарени со ореова вода (врела вода со толчени ореви). Со дел од кашата правеле крстови на оџаците, горните прагови на куќните врати, амбарите, бочвите и др. И Е. Спространов забележал дека во Охрид правеле „питулици на черепна“ и велеле дека тоа се „постулиците на Ристоса“. Спространов запишал предание според кое „На Игнет некоја Бојка от Бојковци си перела. Је рекле: Ами денеска је Игнет, зошчо периш? Таја рекла: Ами, Игнет пригнет! Веднуш се извил сокаот за дирегот и ќе ја удаел. Таа го фрлила грнецот со вода, како го држела, го отпушчила поврзлото и фатила да и викат жените, за да видет чудото“.