Отпушоците од цигари испуштаат смртоносни токсини во околината: „Полни се со отровни хемикалии и микропластични влакна! Тоа е опасен отпад“Научниците од Универзитетот во Гетеборг во новото истражување покажале дека филтрите од отпушоците од цигарите пропуштаат илјадници токсини и пластични влакна кои се отровни за водените ларви и повикуваат на нивна целосна забрана.
Тешко дека постои некое јавно место на кое човекот нема да наиде на отпушоци – од пешачки патеки, автобуски станици, паркови па се до плажи. Тие отпушоци не се само грозни за гледање, тие се навистина лоши за околината. Научниот тим од Универзитетот во Гетеборг во истражување покажал дека микровлакната и хемикалиите кои излегуваат од филтрите во отпушоците се отровни за водените ларви.
Филтерот од отпушокот е полн со илјадници отровни хемикалии и микропластични влакна. Тоа е опасен отпад, вели Бетани Карни Алмрот, професорка по екотоксикологија на Универзитетот во Гетеборг.
Во истражувањето кое е објавено во списанието „Microplastics and Nanoplastics“, научниците ги тестирале ефектите на отровите кои се наоѓаат во филтрите по пушењето, како и супстанциите кои се во филтрите од самиот почеток, на ларви од водени комарци. Било утврдено дека токсините доведуваат до 20 проценти поголема стапка на смртност меѓу ларвите на комарците.
Претходните научни истражувања покажале дека токсините во филтрите исто така имаат негативни ефекти за многу други водени организми. На пример, рибите би можеле да угинат ако се четири дена изложени на концентрациите кои одговараат на отровите кои се излачуваат од два отпушоци во еден литар вода.
Филтрите за цигари исто така се главен извор на миклопластиката која се наоѓа во нашата околина, нешто за што знаеме дека има големи негативни влијанија на биолошкиот живот. ЕУ веќе ги класифицирала филтрите за цигари како опасен отпад, нагласува Карни Алмрот.
Клучно е и однесувањето на пушачите
Научниците во истражувањето исто така набљудувале како пушачите во Гетеборг се однесуваат при гасењето на цигарите. Било утврдено дека многу луѓе фрлаат отпушоци на земја дури и ако во близина има пепелник.
„Чистењето чини милиони круни, но и натаму ќе има многу отпушоци во околината. Сега спроведуваме истражување за пластично ѓубре во цела Шведска со помош на научната заедница, во тоа што го нарекуваме експеримент со пластика. На тој начин можеме да работиме со учениците за да добиеме подобри бројки за тоа каде и колку отпушоци со филтери има во околината“, објаснува Карни Алмрот.
За употребата на филтри нема аргументи
Таа исто така смета дека воопшто не постојат добри аргументи филтрите да останат составен дел од цигарите. Заедно со другите експерти, Карни Алмрот напишала коментар во списанието „Science of the Total Enviromenment“, тврдејќи дека отпушоците не само најчест отпад на светот, туку дека се и само маркетиншки трик кој всушност малку помага во заштитата на пушачите.
Затоа е потребно во целост да се отстранат од пазарот. Не е исправен пристапот да се сконцентрираме на тоа произведувачите на цигари да плаќаат за чистење на филтрите. Проблемот треба да се спречи на првото место, а не подоцна да се чисти, истакнува Карни Алмрот.