Поради зголемување на бројот на заразени со коронавирусот во Тетово, микробиологот д-р Никола Пановски советува дека само вакцинирани граѓани и оние кои го прележале вирусот можат да одат на свадби и семејни веселби.
Во Тетово, во изминатите неколку денови од свадба и семејна прослава е зголемен бројот на случаи на Ковид-19, пренесува „Слободен печат“.
Пановски вели дека постарите лица и сите оние кои имаат хронични болести треба да им се извинат на славениците и да си останат дома, бидејќи во спротивно ризикуваат да заболат од вирусот.
„Нашите иселеници од земјите во кои нагло се шири делта вирусот, слободно влегуваат во државата. Има свадби и слави и на отворено и на затворено, а токму тоа му треба на вирусот. Препорачувам што повеќе луѓе да се вакцинираат и да ги почитуваат мерките во затворено. Ако се невакцинирани и одат на свадба и таму има луѓе од земјите каде се шири делта сојот, тоа значи дека се под висок ризик дека ќе заболат“, вели микробиологот.
Во моментов, во тетовскиот регион се активни 65 случаи, а најголем дел од нив се од два кластери создадени од прослави. Денеска во земјава беа регистрирани 21 нов случај на Ковид-19, од кои 11 од Тетово.