Две жени во одделни случаи биле измамени за сума од еден милион денари со измама за лажни сообраќајни несреќи.
Во првиот, 81-годишна скопјанка, пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 300.000 денари.
Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете мигрант и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати на неговото семејство, а потоа ќе ја ослободат. Пријавителката подигнала пари од банка и ги оставила на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка сватила дека била измамена.
Во вториот случај, 82-годишна жена од Скопје, пријавила дека била измамена од едно лице за сума од околу 700.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како службеник од странска амбасада и ѝ кажало дека нејзината ќерка во САД предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете мигрант и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Пријавителката подигнала пари од банка и ги оставила на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка сватила дека била измамена.
И во двата случаи од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.