Нормализацијата на температурата, подобрувањето на општата состојба и сликата на белите дробови без сенки покажуваат дека лицето оздравело. Но тоа не значи секогаш дека болеста поминала без последици – во никој случај не занемарувајте ги рехабилитацијата и постепеното закрепнување. Совети дава проф. д-р Дмитриј Гаркави, раководител на одделот за рехабилитација на Московскиот државен медицински универзитет.
Тежината на заболувањето од коронавирусот не зависи само од возраста туку и од здравствената состојба. Доколку пациентот е хипертензичар, дебел, има дијабетес, болести на бубрезите, крвта, срцето и крвните садови или преживеал инфаркт или мозочен удар – прогнозите се полоши.
Системски удар на целиот организам
Иако „според пасошот“ ковид-19 се однесува на респираторни вируси, тој не го погодува само респираторниот систем туку и нервите, мозокот, внатрешните органи. Но најмногу деловите од васкуларниот ендотел, па оттука и проблемите.
Бидејќи крвните садови продираат низ целото тело, инфекцијата со коронавирус може да предизвика системска воспалителна реакција. На тоа укажува висок ЦРП – анализа што се прави од крвта и е маркер на воспаление. Овој процес прво беше наречен цитокинска бура, а сега брадикининска бура. Сепак, едно е факт – тоа е прекумерна реакција на имунолошкиот систем како одговор на воспалението.
Ако судиме за долгорочните последици од ковид-инфекција – за тоа нема податоци. Никаде во светот нема единствено мислење за тоа како да се лекува оваа болест. На пример, во почетокот, антималаричниот препарат хидроксихлорокин се сметаше за лек, подоцна во научната литература се појави податок дека тој всушност ја влошува прогнозата, а потоа повторно го демантираа тоа. Во изминатите десет месеци клиничките препораки за лекување на ковид-19 се менуваа повеќепати, но како одминува времето, лекарите сè повеќе сфаќаат со што се соочуваат и што помага, а што не.
Одете на лекар, и точка!
Постојат голем број примери за самолекување, без оглед на сите препораки на лекарите, а тоа не може да донесе добро. На пример, ако сите заболени земаат декстаметазон, кој покажа добри резултати во тешки облици на коронавирусот, или антикоагуланти што ја разредуваат крвта, ќе има повеќе штета отколку корист. Истото тоа е и со антибиотиците, кои луѓето ги земаат на своја рака – а кога ќе се згусне, нема да дејствуваат.
Имено, антибиотиците им се даваат на пациентите не за лекување на коронавирусот, туку за да спречат бактериска инфекција да стигне во ослабениот имунитет (особено болничката, која е многу агресивна).
Сите лекови што се користат во случај на ковид-19 имаат контраиндикации. И само лекар може да знае како да спречи негативни последици и во која фаза на болеста што се пие. Затоа, не смеете сами да си давате терапија, во секој случај мора да ја пропише лекар.
Исто така, наивно е да се верува дека земањето витамин Д (или кој било друг препарат без рецепт) има способност да прави чуда. Пред сѐ, витамин Д не треба да пијат, туку само оние кај кои е забележан негов дефицит. Второ, на оваа супстанција ѝ треба долг период да се акумулира, така што подобрувањето не доаѓа брзо. Тој го зајакнува имунитетот, но нема да ве заштити од зараза, само може да ви помогне да поминете со полесни симптоми.
Вежбајте вдишување, никако издишување!
По коронавирусот може да се појават компликации на хронични заболувања. Во тој случај треба да се оди кај специјалист (кардиолог, невролог, гастроентеролог).
Но проблеми може да се појават и кај здрави луѓе што го прележале вирусот, тогаш се потребни посебни активности за закрепнување. Кај пациентите што имале коронавирус најчесто страдаат белите дробови (се јавува пневмофиброза). Во тој случај доаѓа до отежнато дишење по секој помал напор и тоа може да трае долго време. Таквите лица имаат потреба од респираторна рехабилитација.
Главната грешка што ја прават луѓето по тешка пневмонија е тоа што се напрегаат при издишувањето. На пример, додека не помодрат, дуваат балон или дуваат воздух преку труба и со тоа го зголемуваат притисокот во респираторниот систем и во белите дробови. Веќе оштетените бели дробови така страдаат уште повеќе. Од друга страна, треба да го вежбате вдишувањето, а не издишувањето! Постојат евтини тренажери што изгледаат како детска играчка: при вдишување, потребно е да го држите балонот внатре во уредот и да го туркате нагоре. Со редовно вежбање, капацитетот на белите дробови можете да го подобрите за 10%.
Не спортот што ви се допаѓа, туку оној што е корисен
Друг вид на рехабилитација што е неопходен за многу луѓе се однесува на движењето. Поради оштетување на крвните садови, мускулите немаат кислород и затоа слабеат. А слабите мускули лошо ја пумпаат крвта, што може да доведе до разни болести.
За рехабилитација со движење се користат вежби за општо зајакнување. Но пред да започнете да вежбате во центар за рехабилитација или фитнес, треба да направите спироергометрија. На човекот се прикачуваат сензори и специјална маска и тој трча на лента за трчање, додека за тоа време опремата го мери составот на вдишениот и издишениот воздух и истовремено снима кардиограм. Оваа постапка помага да се утврди безбедното и ефикасно ниво на напор за тој човек. Затоа што ако претерате со спортот, може да си наштетите себеси.
Дури и спортистите што се враќаат на вообичаеното ниво на напор би требало да го прават тоа полека и постепено, по можност со професионален надзор. Се почнува со цикличен кардионапор и се тренира издржливоста (велосипед, лента за трчање), а не со вежби со висок интензитет во интервали, како склекови. Треба да се почне од 15 минути, па полека да се зголемува времетраењето на вежбите. Најдобро е да се тренира секој втор ден. По еден месец, се повторува спироергометријата, бидејќи нивото на напор веројатно ќе се промени. Запомнете – по коронавирусот, ништо тешко ни нагло!
ВАЖНО: ПСИХОЛОШКА РЕХАБИЛИТАЦИЈА
На луѓето што го прележале ковид-19 најмногу и најчесто им е потребна психолошка рехабилитација. Особено на анксиозните, ранливите и раздразливите луѓе. Од непријатни психолошки последици природно најмногу се погодени пациентите што биле тешко болни, оние што биле во болница или преживеале благодарение на респиратор.
За таква рехабилитација, потребно е да се посетат психијатри, кои исто така се и психотерапевти. Причината е тоа што психолозите не можат да пропишуваат лекови, а тие често се потребни. Добар психотерапевт може да му помогне на пациентот дури и без лекови, но за да почне да дејствува лекувањето со зборови, понекогаш прво е потребна помош во вид на лекови. Не треба да се плашиме од тоа. Поопасно е да се запостават депресијата и анксиозноста (тоа може да доведе дури и до самоубиствено однесување), затоа не одложувајте го лекувањето.