Скопјанката Елизабета Стефанова на Фејсбук го сподели своето непријатно искуство кое го доживеала таа и нејзиното семејство при обидот да заминат на патување надвор од земјава.
Ви ја пренесуваме нејзината објава во целост:
Би сакала да споделам едно лично искуство. Колку повеќе луѓе го споделат, толку повеќе ќе бидат информирани тие што планираат да патуваат.
Значи вака, за патување во странство, ако сте биле во карантин, освен што ви треба негативен ПЦР тест, ви треба и ПОТВРДА ОД МАТИЧЕН ЛЕКАР дека сте завршиле со карантинот. Дополнително, барајте од епидемиологот од Центар за Јавно Здравје (ЦЈЗ) да ве излекува во системот и да пушти известување до МВР.
Она што го вика Венко „асимптоматските случаи автоматски излегуваат од изолација за 10 дена“ НЕ ФУКЦИОНИРА. Ова го пишувам од лично искуство, бидејќи бевме вратени од аеродром со полициска придружба, со две дечиња од осум и две години, третирани како криминалци, само затоа што има некаква грешка во системот и нас нè има во список на лицата кои не смеат да ја напуштат државата.
Она што дознавме за нашиот случај е:
– На сопругот воопшто Државен санитарен и здравствен испекторат (ДСЗИ) не му изготвил решение за изолација. Го немаше ни во списокот на позитивни пациенти кај матичниот лекар.
Јас во системот до којшто има пристап матичниот лекар бев излечена. Во ниедна полициска станица нè немаа на список дека сме во изолација иако на секое излегување од дома уредно се јавуваме во полициска станица Аеродром.
Да се надеваме дека текстов ќе допре до некој од надлежните и ќе излезе јавно и ќе ги извести луѓето дека „автоматски“ во Македонија значи дека треба да собираш потврди и да изгубиш еден ден во јавување до сите кои што на крај не се надлежни. Нас ова искуство не чинеше 700 евра и ден куп нервози и трауми. Би ни било ептен мило ако успееме барем некого да спасиме од слични патешествија.
И покрај сите убедувања што ги добивме дека сме тргнати од системот на МВР и дека може слободно да патуваме, во понедeлникот повторно нè имаше во списокот на лица кои не смеат да ја напуштат државата. За среќа, полициските службеници беа разумни овој пат и со потврдата од матичен лекар успеавме да излеземе. Вие што останавте, добро размислете! – напиша Стефанова на Фејсбук.