Утрово се донесени нови одлуки за нови рестриктивни мерки кои ќе важат во следниот период. Утре на седница на Влада треба да се прифати отворање на летните тераси на сите угостителски објекти, полицискиот час ќе започнува од 21 часот, а за време на празниците нема да има полициски час и граѓаните слободно ќе се движат.
Сето ова е резултат на навремено донесените мерки, рече министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
– Бројките се намалуваат, епидемиолошката крива е во опаѓање и сега има тренд бројот на испишани пациенти во болниците да биде поголем од примените пациенти. Се намалува и притисокот во болниците. Вакцинацијата се одвива добро. Денеска стигнуваат 10.000 вакцини од „Фајзер“, а секој понеделник ќе стигнуваат помеѓу 4.000 и 7.000 вакцини. Што се однесува на новите рестриктивни мерки, Владата утре треба да одлучи дали да ги прифати препораките на Штабот.
Новите препораки се полицискиот час да започнува од 21 часот наместо од 20 часот, а за време на празниците Велигден и Бајрам да нема полициски час и граѓаните да можат слободно да се движат – истакна Филипче.
Мерките ќе важат од завршувањето на сите празници, а потоа ќе дискутираме дали ќе носиме нови мерки.