После повеќемесечно најавување и пролонгирање поради пандемијата, долгоочекуваниот Дино Парк во Скопската Зоолошка градина од утре ќе биде отворена за посетителите.
Новиот дел е вистинска атракција за малите, но би рекле и за возрасните посетители.
Дино паркот собира околу 300 посетители, уреден е фантастично и има дури 41 диносаурус, дел од нив со синхронизирани движења, а испуштаат и звуци.
Тираносаурус, Стегосаурус, Алосаурус, мали диносауруси, мајки со бебиња, но и јајца го пополнуваат просторот од 2.000 метри квадрати, а дополнително е збогатен со 430 високостеблести и нискостеблести растенија.
Дино Паркот ќе работи од 09 до 21 часот, а влезот е од страната на Градски парк, односно од стариот влез на Зоолошката градина.
Влезот е 50 денари, а покрај тоа, направена е и апликација достапна на Play Store и App Store, преку која исто така ќе можат да се купат билети.
Апликацијата има и едукативни содржини и мапа.
Воедно, со помош на апликацијата ќе може да се видат сите податоци со скенирање на диносаурусите прикажани во паркот. Ова ја прави скопската зоолошка прва дигитализирана зоолошка во регионот, односно прв дигитализиран Дино Парк.
На отворањето присуствуваа и голем број на претставници на македонската влада, а градоначалникот Петре Шилегов најави дека од денеска започнала и постапката за изградба на Забавниот парк во Скопје.
За уредување на просторот и набавката на диносаурусите од Кина од буџетот на Град Скопје биле издвоени 350.000 евра, а се проценува дека на неделно ниво паркот ќе има од 8 до 10.000 посетители.
Во продолжение погледнете дел атмосферата од официјалното отворање на кое имавме можност да присуствуваме, а од реакциите на најмалите кои исто така имаа можност да присуствуваат, ова дефинитивно ќе биде нивното ново омилено место.