ЧУДАТА НА ИЗВОРОТ КАЈ МАНАСТИРОТ „ВОСКРЕСЕНИЕ ХРИСТОВО“ ВО БЛИЗИНА НА ШТИПУтре, на големиот христијански празник Богојавление Водици, се очекува голема посетеност на манастирската црква „Воскресение Христово“ во месноста Семеница, крај Штип. Во непосредна близина на манастирот се наоѓа изворот со света вода Богојавление, кој е откриен по визијата што ја имала мајката на Даниела Сребренова. За весникот ВЕЧЕР, таа раскажа како е дојдено до овој извор со света вода, која верниците ја носат дома за осветување на домовите, за мир и благосостојба, за прогонување на секое зло и за просветување на христијанските срца на оние што ја користат, а е лек и за болните.
– Изворот го откривме по визијата што ја имаше мојата мајка, која беше во лоша здравствена состојба. Додека беше жива, Бог да ја прости, почина 2001 година, таа велеше дека има вода, света вода на тоа место, која само треба да се открие и да се извади од земјата за да им помага на луѓето. Мојот сопруг, Борче Сребренов, не веруваше дека постои нешто таму, но мајка ми имаше голема тежина на душата и инсистираше да се извади водата. Откако почина мајка ми, Борче го фати паника дека мајка ми починала затоа што не ја извадивме водата. Веруваше дека, поради тоа, може да им се случи нешто на следните поколенија. Затоа решивме да го направиме тоа на што инсистираше мајка ми – почна да раскажува Даниела.
Одборот на манастирот, каде што имало темели, се собрал и одлучил да се копа на местото што го посочувала мајката на Даниела.
– На само два и пол метри, наидовме на ќуп со глинени цевки, кои постоеле таму во минатото. Бидејќи ова место е на ридест, кос терен, почна копањето нагоре и дојдовме до стар ѕидан бунар. Повикавме археолози да дојдат да ја утврдат неговата старост и ни рекоа дека бунарот датира од 3 или 4 век. Откако се најде тоа, мажот ми Борче се растревожи, затоа што кажувањето на мајка ми било вистина – рече Даниела.
Таа посочи на една чудна случка додека ја ваделе водата.
– НА БЛИСКАТА ТОПОЛА СТОЕШЕ ЕДЕН БЕЛ ГУЛАБ, КОЈ СИЛНО МАВТАШЕ СО КРИЛЈАТА КАКО ДА АПЛАУДИРАШЕ. МНОГУ НИ БЕШЕ ЧУДНО ШТО СЕ ОДНЕСУВАШЕ ТАКА – РЕЧЕ ТАА.
Мајка и на Даниела постојано нагласувала дека кога ќе биде откриена водата, ќе биде многу моќна и лековита за сите болести.
– Ние ја испитавме водата кај нашите надлежни институции. Оттаму ни рекоа дека водата е втора на Балканот по своите состојки што ги има. Интересно е што подолу од овој извор има една чешма од која тече вода што помага за лечење на шеќерна болест – вели таа.
Покрај изворот Богојавление, како што го нарекла мајка ѝ на Даниела, по визијата што ѝ се јавила, е насадено дрво јаболкница. Таа вели дека плодот на ова дрво се дава на оние жени што немаат пород.
– Не смее некој сам да набере јаболко, туку треба да му се даде од рака на тој што ќе побара. Така се верува дека ќе помогне Божјата сила. И луѓето треба да веруваат во Бога, кој верува – ќе добие. Кој и каква и да има некоја скромна желба, ќе му се исполни, а болниот ќе си го најде лекот – нагласува Даниела.
Манастирската црква „Воскресение Христово“ ги слави сите Господови празници во текот на годината. Вели дека многу пати Богородица се има појавувано како слика и кој ѝ се помолува на Мајката Божја и на Исус Христос, добива благослов од нив. Даниела кажува дека имало случаи слепи да прогледаат, неми да прозборат, а немоќни да проодат.
Водата од изворите, според верувањата, имаат некоја чудна моќ, особено на Водици. Во некои делови на нашата држава, вообичаено е младите девојки да одат на недопрен извор на вода утрото на Богојавление, да фрлат неколку зрна пченица или некои други житни култури во неа и да кажат: „Како што поминува водата така ќе се бере и жетвата на нашите полиња“.
Потоа ја полнат водата и ја носат до своето домаќинство. На некои места, сè уште е зачуван обичајот членовите на семејството да пијат малку од таа вода преку секира, бидејќи се верува дека на тој начин ќе се избегнат расправии меѓу нив./Вечер