На 28 април во земјава ќе стигнат 200 илјади кинески вакцини, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека потврдата ја добил утрово од Кинеската амбасада во земјава.
По 10 илјади вакцини „Фајзер“ ќе стигнат во земјава на 19 и 26 април, повтори тој. Станува збор за вакцини против ковид-19 кои се добиени со директен договор на земјава со компанијата.
Преку Ковакс-механизмот 76.000 дози на „АстраЗенека“ би требало да стигнат до крајот на месецов. Вакцините преку трипартитни договори со Европската Унија се очекуваат на почетокот на мај.
„Со оглед на тоа дека поголема пратка на вакцини која е очекуваме е од Кина, се планира масовна вакцинација и во повеќе градови освен во Скопје, и тоа во објекти во: Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, кои ќе ги покријат и околните градови“, рече Филипче.